Шест месеци по трагедијата во „Пулс“ – Ѕвездено небо во Штип и „Марш за Ангелите“ во Кочани

0
77

Денес, се одбележуваат точно шест месеци од трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, каде што 62 млади луѓе ги загубија своите животи.
Во Штип, во сеќавање на петте жртви на Градскиот плоштад Слобода во 20.00 часот ќе се запалат свеќи и ќе се направи ѕвездено небо во нивна чест. Во објавата на социјалните мрежи стои:
“На 16 септември се навршуваат 6 болни месеци без нашите ангели…
Да им испратиме порака, да им испратиме светлина – за да видат дека не се заборавени!
Градски плоштад – Штип
20:00 ч. – Палење свеќи во чест на сите починати
20:30 ч. – Ѕвездено небо како порака дека светлината постои и во најмрачните денови
Да се обединиме сите, да ги вклучиме светилките од мобилните телефони и да покажеме дека болката нè поврзува, а љубовта ги чува нашите ангели засекогаш во срцата.
Штип не заборава! Кочани, заедно сме со вас!”
Во Кочани, во знак на сеќавање на жртвите, родителите на загинатите организираат „Марш за Ангелите“.
Собирот ќе стартува во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се движи по претходно утврдена патека – општинска зграда, УЈП, полициска станица, кочанскиот суд и јавното обвинителство, а ќе финишира повторно во „Паркот на Револуцијата“.