Младата и успешна кик-боксерка Антонија Тасева, член на Кик-бокс клубот „Гладијатор Фајт“ од Штип, ќе биде дел од светската кик-бокс елита.
Тасева ќе настапи на Светското првенство во Италија, кое ќе се одржи од 18 до 27 септември 2026 година, каде што ќе ги брани боите на својот клуб, градот Штип и Република Северна Македонија.
До големата светска сцена Антонија стигна благодарение на посветеноста, дисциплината и напорната работа, а значајна поддршка во нејзиниот спортски развој има и од нејзиниот тренер Шенол Асанов, со кого интензивно се подготвува за настапот на Светското првенство.
За младата штипјанка ова е голем спортски предизвик, но и огромна чест. Со максимална мотивација и поддршка од тренерот, клубот и семејството, Антонија најавува борба до последната секунда.
„Ова е голема чест и мотивација за мене. Благодарна сум на мојот клуб, тренерот, семејството и сите кои ми даваат поддршка. Ќе се борам со срце и ќе дадам максимум за Штип и Македонија“, вели Антонија Тасева.


