Затемнувањето ги полуде туристите – цените на хотелите 7,5 пати поскапи

0
37

Реткото целосно затемнување на Сонцето денес носи илјадници туристи во Шпанија и Исланд, каде што најдобрите места за набљудување се речиси целосно распродадени. Во некои дестинации цените на сместувањето се зголемени и до 7,5 пати во однос на вообичаените.
Во руралните делови на Шпанија, долж патеката на затемнувањето, хотелите, камповите и приватните сместувања се преполни. Во Мединасели, хотелска соба која вообичаено чини околу 120 евра, за ноќта на затемнувањето се продава за 900 евра. На интернет се нудат и тераси и градини за гледање на феноменот за стотици и илјадници евра.
Зголемениот интерес носи и дополнителни туристички понуди. Летовите со балони за набљудување на затемнувањето се распродадени, а едно место чини 550 евра.
Во Исланд, пак, туристичкиот бум е уште поизразен. Сместувањата долж патеката на затемнувањето се целосно исполнети, а околу 30 крузери се очекува да пристигнат со околу 50.000 патници.
Затемнувањето не носи само туристи, туку и големи инфраструктурни подготовки. Во двете земји се засилуваат телекомуникациските мрежи, се поставуваат дополнителни санитарни јазли и се зголемува бројот на спасувачки и итни служби.
За Шпанија, ова е прво целосно затемнување видливо од поголемиот дел од копното по повеќе од 120 години, додека Исланд следното вакво небесно шоу ќе го очекува дури за околу 170 години.
Научниот феномен трае релативно кратко, но интересот е огромен – илјадници луѓе патуваат со илјадници километри за неколку минути целосна темнина и ретка глетка што, според астрономите, тешко може да се спореди со кое било друго искуство.