Европската Унија подготвува значајни промени во месната индустрија, со кои ќе се зајакне домашното производство, ќе се намали зависноста од увоз и ќе се обезбеди поголема поддршка за земјоделците.
Една од клучните новини се појасните и поедноставни ознаки за потеклото на месото и другите производи од животинско потекло. Целта е потрошувачите полесно да препознаат каде е произведен производот и да имаат повеќе информации при изборот.
Новата стратегија предвидува и подобра заштита на фармерите од пазарни кризи, поефикасна превенција и контрола на болестите кај животните, како и полесен пристап до финансиска поддршка. Посебно внимание ќе биде насочено кон малите фарми и руралните средини, каде што сточарството постепено се намалува.
Во план се инвестиции во иновации, одржливо производство и развој на мали и мобилни кланици, со што би се намалил транспортот на животните и би се поттикнале локалните економии.
Со новите мерки, Брисел испраќа порака дека безбедноста на храната, домашното производство и поголемата транспарентност ќе имаат сè поважно место во европската аграрна политика во наредните години.


