Шок за СПЦ: Српскиот Патријарх Порфириј условно осуден Словенија

0
21

Порфириј доби условна казна во Словенија во судска постапка за мобинг врз поранешниот православен свештеник Жељко Лубарда, чиј спор со раководството на Српската православна црква трае повеќе од една деценија. Окружниот суд во Љубљана го прогласил српскиот патријарх за виновен за злоупотреба на работното место, додека СПЦ ја оспорува постапката и тврди дека тој не бил известен за судењето.
На Порфириј му била изречена условна затворска казна од четири месеци, со рок на проверка од една година. Судот му изрекол и условна парична казна од 10.000 евра, исто така со едногодишен рок на проверка.
Српската православна црковна општина во Љубљана, како правно лице, добила условна парична казна од 10.000 евра. Случајот се однесува на периодот кога Порфириј бил митрополит загрепско-љубљански.
Спорот започнал откако Лубарда, како претставник на Црковната општина во Љубљана, поднел кривична пријава против поранешниот парохиски свештеник Перан Бошковиќ поради сомневања за финансиски злоупотреби во црковната каса. Бошковиќ подоцна бил правосилно осуден.
Лубарда тврди дека по пријавата бил изложен на повеќегодишни притисоци да го промени исказот, како и на понижување, нееднаков третман, преместувања и отказ. Тој го обвинил тогашниот митрополит Порфириј дека имал клучна улога во неговото преместување од Словенија во парохија во Хрватска и во забраната да ја извршува свештеничката служба.