Силно невреме го погоди романскиот главен град Букурешт и 20 други окрузи при што загина едно лице, а оштетени се десетици домови и возила, соопштија локалните власти. Бурата предизвикала штета во вкупно 60 градови и села, а следел и топлотен бран со температури над 40 Целзиусови степени, пренесува Ројтерс. Само во областа на Букурешт, службите за итни случаи примиле речиси 2.000 повици за помош, објави телевизијата Digi24. Поради обилните дождови беа поплавени и неколку станици на метрото.Надвор од главниот град, бурата погоди околу 60 градови и села. Едно лице загина откако дрво паднало врз возилото во кое се наоѓало. Полицијата и пожарникарите биле распоредени во неколку окрузи, каде што ги евакуирале жителите од поплавените домови и работеле на отстранување на последиците од бурата. На бурата ѝ претходеше топлотен бран, во кој температурите надминаа 40 Целзиусови степени во делови од земјата изминатите два дена. Високите температури доведоа до зголемена потрошувачка на електрична енергија и зголемување на цените на електричната енергија.


