Македонскиот претприемач и извршен директор на AMENEX, штипјанецот Игор Илиевски, ја објави својата прва бизнис-книга „The Big Pain: Trust Without Structure“, која е достапна на Amazon во Kindle и печатено издание. Делото веќе привлече внимание и на меѓународната бизнис-сцена, откако беше претставено на Global Power Summit во Шангај пред основачи, директори и инвеститори од целиот свет.
Книгата не нуди мотивациски пораки, туку практични совети за предизвиците со кои се соочуваат компаниите кога растат побрзо од нивните системи и организациска структура. Илиевски преку сопственото повеќегодишно искуство објаснува како довербата е важна, но без јасни процеси и добро поставена организација може да стане слабост наместо предност.
Посебен акцент авторот става на младите претприемачи, порачувајќи дека Македонија не треба да биде ограничување, туку почетна точка за градење глобален бизнис. Според него, денешните генерации имаат пристап до знаење, алатки и светски пазари како никогаш досега, но успехот бара дисциплина, постојано учење и силна структура.
Бизнис-приказната на Илиевски започнала пред повеќе од две децении во подрумот на неговиот дедо во Штип, каде со половен компјутер ги направил првите чекори во eCommerce. Денес, преку компанијата AMENEX, тој управува со глобална дигитална операција со соработници и клиенти на повеќе континенти, а своето искуство сега го споделува и преку книгата што веќе е достапна за читателите ширум светот.


