Драматична борба со огнот на Чиово: 150 пожарникари и „Канадери“ го спасија островот

0
15

Пожарот што избувна во вторникот попладне на хрватскиот остров Чиово, по силно невреме проследено со грмежи, е ставен под контрола благодарение на брзата интервенција на околу 150 пожарникари и два противпожарни авиони „Канадер“.
Во гаснењето учествуваа противпожарни екипи од Трогир, Сплит, Каштела, Солин и Интервентната противпожарна единица од Дивуље, со околу 40 противпожарни возила. Според првичните проценки, огнот зафатил околу 100 хектари површина.
Иако првично беа ангажирани четири авиони „Канадер“, два од нив беа пренасочени кон големиот пожар кај Оребиќ, додека останатите продолжија да дејствуваат на Чиово.
Според хрватските медиуми, во пожарот нема повредени лица, а избегната е и поголема материјална штета. Огнот не зафатил семејни куќи и туристички објекти, но оштетени се два помошни монтажни објекта.
Голема помош во справувањето со огнената стихија донесе и силниот дожд што наврна над поголем дел од островот, што им овозможи на воздушните сили поефикасно да интервенираат и значително ја олесни работата на пожарникарите. Тие продолжија со санација на теренот и во текот на ноќта за целосно локализирање на пожарот.