Јанша најавува замрзнување на признавањето на Палестина и евентуално преместување на амбасадата

0
23

Словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави дека новата владејачка коалиција ќе го замрзне признавањето на Палестина и ќе разгледа преместување на словенечката амбасада од Тел Авив во Ерусалим.Во интервју за весникот „Израел Хајом“, Јанша оцени дека одлуката на претходната словенечка влада да ја признае Палестина е спротивна на словенечкиот закон, објави РТВ СЛО.
Тој изјави дека меѓу плановите за подобрување на билатералните односи со Израел, постои и можност за преместување на словенечката амбасада од Тел Авив во Ерусалим.
Јанша го опиша Израел како стратешки партнер кој придонесува за регионалната стабилност и борбата против тероризмот, нагласувајќи ја соработката во областите на технолошките иновации, науката, претприемништвото и безбедноста.
Според него, Словенија и Израел се соочуваат со слични предизвици, вклучувајќи тероризам, екстремизам и геополитички притисоци, поради што, како што рече, треба да ја зајакнат меѓусебната соработка.
Словенечкиот премиер, исто така, најави дека ќе застапува позиции во поддршка на Израел во институциите на Европската Унија и ќе се спротивстави на евентуални санкции против земјата.