„Ја видов на 29 мај“, па „на 30 мај“ Различните искази го издале Македонецот осомничен за убиство на Крит

0
19

Различни искази за последната средба со 45-годишната Ставрула Левентаки биле меѓу клучните елементи што ги насочиле грчките истражители кон македонскиот државјанин осомничен за нејзиното убиство на островот Крит.
Според грчките медиуми, 43-годишниот Миско Л. првично изјавил дека жената ја видел на 29 мај, кога таа дошла во неговиот дом и се задржала само неколку минути. Но, истражителите подоцна обезбедиле видеоснимка на која се гледа дека Левентаки се упатила кон неговиот дом на 30 мај, што довело до нова верзија на неговиот исказ.
Во продолжение на истрагата, осомничениот признал дека средбата всушност се случила на 30 мај и дал поинакво објаснување за околностите под кои се виделе. Дополнителни сомнежи предизвикале и снимките на кои неговото сино комбе е забележано во областа Мурниес токму на денот на исчезнувањето на жената.
Истражителите откриле уште една противречност. Во првиот исказ тврдел дека по средбата останал дома и не излегувал, додека два дена подоцна изјавил дека вечерта го користел комбето и заминал до местото каде што ги чувал кокошките.
Сопругата на осомничениот и понатаму тврди дека тој е невин и смета дека станува збор за заговор против него. Сепак, според информациите од истрагата, македонскиот државјанин подоцна го признал делото, а телото на Ставрула Левентаки било пронајдено закопано во нива во близина на Ханија.
Случајот со недели ја потресува грчката јавност и останува во фокусот на истражните органи. Пренесува Плусинфо.мк.