Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против пет лица од Скопје, на возраст од 22 до 34 години, поради сомнение дека формирале терористичка организација и ширеле екстремистичка пропаганда поврзана со ИСИС.
Според истрагата, првоосомничениот кон крајот на 2024 година креирал интернет канал и група на социјална мрежа, во кои членувале и останатите осомничени. Во текот на 2025 и 2026 година, преку тие комуникациски канали биле споделувани содржини со кои се промовирала идеологијата на ИСИС и други поврзани терористички организации, со цел ширење пропаганда, идеолошка индоктринација и глорификација на терористички дејствија.
По наредба на судија на претходна постапка, вчера биле извршени претреси на пет локации во Скопје, од кои три во затворот Идризово, каде дел од осомничените веќе издржуваат казна или се наоѓаат во притвор за други кривични дела. При акцијата биле одземени електронски уреди и други предмети кои ќе бидат предмет на вештачење.
Основниот кривичен суд Скопје делумно го прифатил предлогот на обвинителството, при што на едно лице му е одреден притвор, а на друго мерка куќен притвор. Истрагата продолжува со цел целосно расветлување на случајот и утврдување на евентуална поширока мрежа на поддржувачи на екстремистичката идеологија.

