Европа се соочува со забрзана појава на нови психоактивни супстанци, при што речиси секоја недела на пазарот се регистрира нов вид дрога, предупредува Европската агенција за дроги (ЕУДА). Само во текот на 2025 година биле откриени 50 нови супстанци, а најголем дел од нив припаѓаат на групата синтетички опиоиди, кои можат да бидат смртоносни и во многу мали количини.Според Европскиот извештај за дроги за 2026 година, под надзор на агенцијата во моментов се наоѓаат повеќе од 1.000 нови психоактивни супстанци, меѓу кои и над 100 синтетички опиоиди. Голем број од нив биле речиси непознати на европскиот пазар пред само десетина години.Особена загриженост предизвикува појавата на таканаречените „орфин“ опиоиди, нова група полусинтетички супстанци што почнаа брзо да се шират од 2024 година наваму. Досега се идентификувани девет вакви супстанци, а нивната употреба е поврзана со повеќе од 30 смртни случаи низ Европа. Две од нив веќе се регистрирани во повеќе од десет европски држави и се предмет на забрзана проценка на ризик на ниво на Европската Унија.Од ЕУДА предупредуваат дека пазарот на дроги се менува со исклучително брзо темпо, поттикнат од организираниот криминал, миграциските текови и геополитичките промени. Воедно, Европа сѐ повеќе станува и центар за производство на синтетички дроги, со стотици нелегални лаборатории што функционираат низ континентот..Во 2024 година во Европската Унија биле регистрирани околу 7.600 смртни случаи поврзани со употреба на дроги. Иако оваа бројка е значително пониска од онаа во Соединетите Американски Држави, каде што годишно умираат повеќе од 100.000 луѓе од последиците на опиоидната криза, европските институции предупредуваат дека ризикот расте.Повеќе од половина милион лица во ЕУ добиваат терапија со опиоидни агонисти, додека лекот налоксон, кој се користи за спречување смртоносни предозирања, е достапен во 19 земји-членки.Сепак, експертите посочуваат дека подготвеноста на европските земји не е еднаква. Додека некои држави имаат развиени програми за намалување на штетите од употребата на дроги, други сѐ уште заостануваат во примената на превентивни и здравствени мерки.


