Нова заплена на злато вредно 1,1 милион денари на „Богородица“ – 11 случаи годинава, девет со кривични пријави

0
10

На граничниот премин „Богородица“ царинските службеници запленија златен накит вреден околу 1,1 милион денари, кој двајца косовски државјани се обиделе нелегално да го пренесат преку граница.
Станува збор за четири златни ланчиња со вкупна тежина од 190,6 грама, кои осомничените ги набавиле во Турција, по што се обиделе да ги прикријат на своето тело под облеката.
Случајот е предаден на Одделението за истраги при Царинската управа, кое поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гевгелија.
Со овој случај, бројот на заплени на злато годинава се искачи на 11, при што се одземени околу два килограми златен накит. Најголем дел од случаите се откриени на граничниот премин „Богородица“ и на Меѓународниот аеродром Скопје, а останатите на премините „Табановце“ и „Блаце“.
Од Царинската управа посочуваат дека во девет од случаите се поднесени кривични пријави против десет лица за криумчарење, нагласувајќи дека ќе продолжат со засилени контроли за спречување на нелегален транспорт на скапоцени предмети.