83 години од масакрот во Ваташа: Македонија се поклонува пред херојството на 12-те младинци

0
16

На денешен ден, 16 јуни 2026 година, се навршуваат 83 години од едно од најболните и најтрагични поглавја во македонската историја – масакрот врз дванаесетте ваташки младинци.
На 16 јуни 1943 година, во месноста Чаир кај Моклиште, бугарските фашистички окупаторски сили безмилосно стрелаа дванаесет млади момчиња од селото Ваташа, на возраст од само 15 до 28 години. Нивниот единствен „грев“ бил љубовта кон слободата и поддршката на народноослободителната борба.
Трагедијата засекогаш остана врежана во колективната меморија на македонскиот народ како симбол на жртвата, непокорот и стремежот кон слобода. И покрај младоста, ваташките херои покажаа храброст која времето не успеа да ја избрише.
Денес, 83 години подоцна, граѓаните, институциите и потомците им оддаваат почит на Перо Видев, Ванчо Гурев, Данко Давков, Илија Димов, Ристо Ѓондев, Блаже Ицев, Пане Мешков, Герасим Матаков, Ферчо Попѓорѓиев, Васо Хаџијорданов, Диме Чекоров и Пане Џунов.
Нивната жртва останува вечен потсетник дека слободата е изборена со храброст, а споменот за ваташките младинци продолжува да живее како светол дел од македонската историја.