Пет министерства здружени против врсничкото насилство: Потпишана декларација за побезбедни училишта

0
24

Пет министерства, заедно со институции, невладини организации и Мисијата на ОБСЕ, потпишаа декларација за превенција на насилството кај младите. Документот предвидува заеднички активности за безбедна училишна средина, дигитална безбедност, ментално здравје и подобра координација меѓу институциите.
Министерката за образование Весна Јаневска истакна дека врсничкото насилство не може целосно да се искорени, но може значително да се намали преку системски мерки. Таа потсети на законските измени, зајакнувањето на стручните служби и враќањето на дежурствата на наставниците во училиштата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека полицијата има засилено присуство во училиштата, додека министерот Фатмир Лимани порача дека насилството кај младите е предизвик за целото општество и бара заеднички институционален одговор. Од ОБСЕ порачаа дека младите мора да бидат слушнати и да живеат во средина без страв и насилство.