Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, изјави, откако беше пронајден дрон во близина на островот Лефкада во Јонското Море, дека ширењето на војната во Украина кон Медитеранот „нема да се толерира“.
„Секое претворање на Медитеранот во театар на воени операции, нема да се толерира“, рече Герапетротис, додавајќи дека Грција „ќе се погрижи Медитеранот да остане море на мирот, кое им припаѓа на неговите народи“.
Инцидентот предизвика загриженост во Атина откако минатата недела во близина на Лефкада беше откриен морски дрон, за кој грчките власти се сомневаат дека е од украинско потекло и дека имал за цел да нападне руски брод во Средоземното Море. Според грчките власти, станува збор за таканаречен дрон „камиказе“ од типот „мамаи“, кој украинските сили го користат во Црното Море, а бродот наводно бил опремен со експлозиви.
Украина постојано негираше какви било информации за дронот, додека истрагата за потеклото и мисијата на уредот сè уште е во тек во објектите во Скарамагас во близина на Атина.


