Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денес оствари прием на штипскиот гимназијалец Даниел Христов, кој освои бронзен медал на престижната Менделеева олимпијада по хемија, на која учествуваат најдобрите млади хемичари од целиот свет.
“Ваквите резултати се јасен показател за квалитетот на младите луѓе од општината и за потенцијалот кој тие го поседуваат во областа на науката и образованието. Вложувањето во младите, особено во оние кои постигнуваат врвни резултати во науката, претставува директна инвестиција во иднината на општеството”, изјави градоначалникот Јорданов.
Во знак на признание за постигнатиот успех и како поттик за идните предизвици, на Христов му беше доделен симболичен ваучер во вредност од 10.000 денари.


