Европската унија влегува во финална фаза од воведувањето на EUDI новчаникот (European Digital Identity Wallet) – систем што треба целосно да го промени начинот на користење лични документи. Според плановите, до крајот на 2026 година сите земји членки ќе мора да понудат сопствени решенија за дигитален идентитет, додека од 2027 година се очекува поширока примена.
EUDI ќе функционира како мобилна апликација во која граѓаните ќе можат да ги чуваат и користат своите документи – пасош, возачка дозвола, договори или осигурување – на едно место. Освен складирање, системот ќе овозможи и дигитално идентификување, потпишување документи и користење јавни и приватни услуги без физичко присуство.
Целта е поедноставување на административните процедури и побрза размена на податоци низ цела ЕУ. Во пракса, тоа значи дека граѓаните ќе можат да изнајмуваат стан, склучуваат договори или потврдуваат идентитет целосно онлајн.
Сепак, истражувањата покажуваат дека многу граѓани сè уште не се доволно информирани за системот, што може да го забави неговото прифаќање. Дополнителен предизвик претставуваат прашањата за безбедноста на податоците и заштитата на приватноста.
И покрај тоа, приватниот сектор веќе покажува силна поддршка, гледајќи во EUDI можност за поефикасно работење. Примери како Австрија, каде дигиталната идентификација веќе функционира, се наведуваат како модел за идната имплементација.
Извор: Фактор.мк


