Трагедија на пат во Бугарија: Автобус остана без гориво, па усмрти двајца патници и повреди 16 лица

0
30

Тешка сообраќајна несреќа се случи на патот Бургас-Малко Трново, во близина на граничниот премин кон Турција, во која животот го загубија двајца патници, а најмалку 16 лица се здобија со повреди. Несреќата се случила кога украински автобус, кој превезувал 37 патници и двајца возачи, застанал поради недостаток на гориво.
Според првичните информации, додека патниците излегувале од возилото и се собрале во неговата непосредна близина, автобусот неочекувано почнал да се движи наназад, при што удрил во групата луѓе и завршил во канал покрај патот.
Како последица на ударот, две лица го загубија животот, додека 16 патници, меѓу кои и деца, се пренесени во болниците во Бургас и во ургентниот центар во Малко Трново. На останатите патници им е укажана помош во дневен центар во пограничниот град.
Полицијата го приведе возачот на автобусот во Регионалната полициска управа во Малко Трново. Истрагата за утврдување на околностите поради кои возилото се придвижило и ги усмртило патниците е во тек.