Чешиново-Облешево: Дом и инспирација за светскиот документарец “Приказната за Силјан”

0
31

Општина Чешиново-Облешево беше домаќин на реномираната македонска режисерка Тамара Котевска, авторка на документарниот филм „Приказната за Силјан“, кој веќе се прикажува пред меѓународна публика и предизвикува силен интерес.
Филмот, кој обработува уникатна и емотивна приказна за штркот Силјан, во голем дел е сниман токму во оваа општина.
Во рамки на посетата беше истакнато дека оваа соработка претставува значаен чекор во промоцијата на општината, а како признание за нејзиниот придонес, Тамара Котевска ќе ја преземе улогата на културен амбасадор на Чешиново-Облешево. Преку оваа функција, таа ќе работи на афирмација на локалните вредности, природните убавини и културното наследство пред пошироката јавност.
Посебно значење има и фактот што штркот, како симбол на општината позната како „општина на штрковите“, е главниот лик во документарецот. Преку неговото патување, филмот испраќа силна порака за зачувување на природата и хармонијата меѓу човекот и животинскиот свет.
“Приказната за Силјан“ веќе се емитува на различни фестивали и медиуми ширум светот, каде добива позитивни реакции за својата визуелна моќ и емотивна длабочина. Со вакви проекти, Чешиново-Облешево се позиционира како значајна дестинација која успешно ги поврзува уметноста, културата и локалниот развој.