„Вакцина“ против алергија: Како делува, колку е ефикасна и кои се можните несакани ефекти

0
75

Алергенската имунотерапија, популарно наречена „вакцина“ против алергија, е единствениот вид третман што не ги ублажува само симптомите, туку делува и на самата причина за алергијата. За разлика од антихистаминиците и спрејовите, кои имаат ефект само додека се користат, оваа терапија може долгорочно да го промени начинот на кој организмот реагира на алергените.

Методата се базира на постепено изложување на телото на сè поголеми количини од супстанцијата што предизвикува алергија, со цел да се создаде толеранција. На тој начин, имунолошкиот систем „учи“ да не ја препознава таа супстанција како закана, што доведува до намалување или целосно исчезнување на симптомите.
Најчесто се применува кај алергии на полен, прашина (грини), животинска влакна и убоди од инсекти, особено кога стандардната терапија не дава резултати. Сепак, имунотерапијата не е за секого и се спроведува исклучиво по детална дијагноза и под надзор на лекар.
Терапијата може да се дава преку инјекции или во форма на капки/таблети под јазик. Процесот е долготраен и обично трае најмалку три години, со редовна примена за да се постигне стабилен ефект. Првите подобрувања може да се забележат по неколку месеци, а кај голем број пациенти – дури 80 до 90 проценти – се постигнува значително намалување на симптомите.

Иако се смета за безбедна, можно е да се појават благи несакани ефекти, како црвенило или оток на местото на инјекција, или иритација во устата кај сублингвалната терапија. Во ретки случаи може да се јават и посериозни реакции, па затоа третманот започнува под медицински надзор.
Цената на имунотерапијата варира во зависност од видот и начинот на лекување. Во приватниот сектор може да изнесува неколку стотици евра годишно, додека во јавниот здравствен систем понекогаш е покриена со осигурување, во зависност од проценката на специјалист.
Иако бара трпение и дисциплина, оваа терапија нуди можност за долгорочно олеснување, па дури и спречување на развој на нови алергии или компликации како астма.
Извор: Здравје/ Дневник.хр.