Владата денеска ќе одржи седница на која ќе се разгледаат можни мерки за справување со растот на цените, врз основа на извештајот подготвен од надлежните институции.
Од Министерството за економија и труд информираат дека во тек е обработка на податоците од Државниот пазарен инспекторат, по што тие ќе бидат презентирани и анализирани на владината седница. Врз основа на заклучоците, ќе се одлучува дали ќе се преземат конкретни чекори, како намалување на даноци или ограничување на трговските маржи.
Во изминатиот период биле спроведени повеќе од 140 инспекции во над 800 продажни објекти низ земјата. Контролите ги опфатиле производителите, увозниците, дистрибутерите и трговците, со посебен фокус на основните прехранбени производи, хигиенските средства и производите за деца.
Извештајот е изготвен по барање на премиерот Христијан Мицкоски, со цел да се утврди движењето на цените на почетокот на април. Првичните анализи покажуваат зголемување на цените кај повеќе категории, особено кај основните прехранбени производи.


