Во февруари годинава во Македонија се издадени 244 одобренија за градење, што е пад од 10,3 проценти на годишно ниво, но дел од инвестициите се насочени и кон источниот дел на државата. Во Источниот регион се издадени 21 одобрение, што го позиционира меѓу активните градежни подрачја.
Посебно значајна е инвестицијата во ветерен парк за производство на електрична енергија, кој ќе се гради на територијата на општините Штип, Радовиш и Карбинци. Овој проект со капацитет до 132 MW е клучен фактор за значителното зголемување на вкупната вредност на издадените одобренија, која достигнува над 14,4 милијарди денари.
На државно ниво, најголем дел од одобренијата се однесуваат на високоградба (173), а предвидена е изградба на 309 станови. Дел од градежните активности се очекува да придонесат за развој и во источна Македонија, особено преку енергетски и инфраструктурни проекти.
И покрај падот на бројот на дозволи, податоците укажуваат на зголемен инвестициски интерес, при што доминираат физички лица како инвеститори, но се забележува и присуство на поголеми проекти со стратешко значење за регионот.


