Турција подготвува закон со кој се предвидува целосна забрана за продажба на сите тутунски производи од 1 јануари 2040 година.
Според предлог-законот, кој го изработуваат владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и турското Министерство за здравство, мерката има за цел долгорочно намалување на употребата на тутун во земјата. Пред неговото целосно стапување на сила, се предвидуваат и преодни ограничувања.
Меѓу нив се забрана за пушење на отворени простори во ресторани и кафулиња, како и воведување посебни зони за пушачи каде нема да се служат храна и пијалаци. Дополнително, продажбата на тутунски производи би се вршела исклучиво со банкарски картички, со цел подобра контрола и следливост.
По 2040 година, сите физички и правни лица вклучени во увоз, производство, транспорт или продажба на тутун би се соочиле со високи парични казни, кои се движат од еден до пет милиони турски лири.
Според податоците на Турскиот статистички институт, речиси 28,3 отсто од населението над 15 години во 2022 година редовно користело тутунски производи, што го прави овој предлог еден од најстрогите анти-тутунски чекори во регионот.


