ВЕЛИГДЕНСКИ ЈАЈЦА: Колку смее да изеде вашето дете и до кога се безбедни за јадење?

0
52

Велигденските празници се период кога варените јајца се консумираат во поголеми количини, но стручњаците предупредуваат дека е важно да се внимава и на количината и на нивната безбедност.
Варените јајца, доколку се чуваат правилно во фрижидер, се безбедни за јадење околу 5 до 7 дена од денот на варењето. Доколку стојат на собна температура подолго време, нивниот рок на траење значително се скратува, особено за време на празници кога често се изложени на топлина и воздух.
Во однос на количината, нутриционистите советуваат умереност. За постари деца се препорачуваат најмногу до две јајца дневно, додека за здрави млади лица до три или четири. Возрасните може да консумираат две до три јајца, а кај повозрасни лица со здравствени проблеми препораката е најмногу едно јајце дневно.
Кај најмалите деца, особено бебињата кои сè уште не вовеле јајце во исхраната, не се препорачува консумација на велигденски јајца поради можни алергиски реакции. Јајцето се воведува постепено во исхраната, најчесто од седмиот месец.
Важно е да се внимава и на состојбата на самите јајца. Напукнатите јајца имаат пократок рок на траење и треба да се изедат во рок од 2 до 3 дена. Најдобро е да се чуваат во фрижидер и да се вадат само пред консумација.
Расипаното варено јајце најчесто се препознава по непријатен мирис на сулфур, што е најсигурен знак дека не е за јадење. Ако белката стане леплива или лигавa, исто така треба да се избегнува. Зелен прстен околу жолчката не значи расипување, туку е резултат на хемиска реакција при предолго варење.
Стручњаците нагласуваат дека умереноста и правилното чување се клучни, за празниците да поминат без здравствени проблеми и со уживање во традицијата.