Претседателката на Словенија, жестоко го критикуваше Трамп: „Доста е“

0
25

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, упати остри критики кон заканите и реториката поврзана со конфликтите на Блискиот Исток, предупредувајќи дека ваквиот говор претставува сериозна закана за меѓународниот мир и безбедност.
Таа реагираше на изјави на американскиот претседател Доналд Трамп во кои се спомнува „уништување на цивилизацијата“, оценувајќи дека ваквата реторика мора да се сфати крајно сериозно. Пирц Мусар повика на обединет глобален отпор кон ваквите пораки, нагласувајќи дека „зборовите имаат тежина“ и дека заканите со сила не се во согласност со меѓународното право.
Во своето обраќање, таа посочи дека и покрај најавеното примирје, на терен продолжуваат конфликти и страдања. Како примери ги наведе состојбите во Либан, Газа и Западниот Брег, каде, како што рече, цивилите и понатаму се изложени на насилство и раселување.
Пирц Мусар предупреди дека ваквите изјави и закани не само што создаваат страв и нестабилност, туку се користат и како инструмент во пошироки геополитички и економски игри, вклучително и влијание врз енергетските пазари.
Таа повика земјите кои се залагаат за мир и дипломатија да се обединат и да испратат јасна порака против ескалацијата на заканувачка реторика. „Доста е“, порача таа, нагласувајќи дека мирот, достоинството и безбедноста на луѓето не смеат да бидат предмет на политички и економски пресметки.