Од нокеска земјите-членки на ЕУ целосно го имплементираат Системот за влез/излез (EES)., со што ќе заврши неговото постепено воведување и ќе се премине на исклучиво дигитално евидентирање на преминувањата на надворешните граници на Шенген-зоната.
Ова значи дека ставањето печат на патните документи на државјаните на трети земји ќе престане, а сите податоци за влезови и излези ќе се евидентираат електронски во EES системот.
Системот автоматски ги евидентира датумот и местото на влез и излез, времетраењето на дозволениот престој и сите одбивања за влез. Времетраењето на дозволениот престој прецизно се пресметува со помош на интегриран автоматски калкулатор.
На овој начин, можно е попрецизно следење на престојот и дополнително се зголемува безбедноста на надворешните граници на Европската Унија.
Системот за влез/излез е еден од клучните информациски системи на Европската Унија во областа на управувањето со границите, кој ја модернизира и подобрува граничната контрола за државјаните на трети земји кои влегуваат во Шенген-зоната за краток престој.
Имплементацијата на EES системот на ниво на Европската Унија носи голем број предности:
• зајакнување на безбедноста на надворешните граници
• поефикасно управување со миграцијата
• сигурно следење на времетраењето на престојот на државјаните на трети земји
• намалување на злоупотребите и пречекорувањата на дозволениот престој


