Економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии предупредува дека економската состојба во Македонија е сериозно загрижувачка и дека кризата најмногу ги погодува граѓаните со пониски приходи.
Во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој оцени дека актуелната ситуација е „лоша реприза“ на кризата од 2022 година, каде растот на БДП од околу 2 до 2,5 проценти не ја отсликува реалната состојба. Според него, овој раст најмногу произлегува од зголемените профити на големите компании, особено во трговијата и енергетиката.
Јовановиќ истакна дека околу 150 компании ги зголемиле своите профити за над 150 милиони евра, додека истовремено меѓу 50.000 и 100.000 граѓани западнале под линијата на сиромаштија. Тој нагласи дека за најголем дел од населението економските показатели немаат значење ако не можат да ги покријат основните трошоци за живот.
Дополнително, економистот предупредува дека инфлацијата сега влегува во нова фаза, при што ценовниот притисок се префрла од енергенсите кон храната. Според него, и покрај намалувањето на цената на нафтата, таа ќе остане релативно висока, што ќе продолжи да влијае врз поскапувањето на основните производи.
Осврнувајќи се на глобалните случувања, Јовановиќ оцени дека неодамнешното примирје на Блискиот Исток не значи крај на кризата, туку само привремено смирување. Како што вели, економските последици веќе се почувствувани, а неизвесноста дополнително ќе ја забави економијата.
Тој заклучува дека иако воениот конфликт можеби привремено се смирува, вистинските економски удари за граѓаните допрва следуваат, особено преку растот на цените на храната.


