Делегација од Општина Делчево, предводена од градоначалникот Иван Гоцевски, оствари работна посета на Општина Черномељ во Словенија, каде одблизу се запозна со еден од најорганизираните системи за противпожарна и цивилна заштита во регионот, но и со можностите за продлабочување на меѓуопштинската соработка.
Во рамки на посетата, делчевската делегација имаше увид во функционирањето на систем кој опфаќа 27 доброволни противпожарни друштва, опремени со современа опрема и постојано обучувани преку тренинг кампови и специјализирани обуки. Ваквиот пристап овозможува високо ниво на подготвеност и ефикасна реакција во кризни ситуации, што беше оценето како модел применлив и во македонските општини.
Покрај безбедносниот сегмент, на средбите беше разговарано и за унапредување на соработката во повеќе области, вклучително локалниот економски развој, туризмот, културата, образованието и младинските политики. Беше истакнато дека и покрај оддалеченоста од околу 1.000 километри, Делчево и Черномељ градат партнерство засновано на заеднички вредности и визија за подобар квалитет на живот.
Градоначалникот Иван Гоцевски ја нагласи важноста од ваквите посети, истакнувајќи дека стекнатите искуства ќе придонесат за унапредување на локалните капацитети.
„Она што го видовме во Черномељ е пример како со добра организација, континуирана едукација и силна поддршка од заедницата може да се изгради ефикасен систем. Нашата цел е постепено да ги примениме овие позитивни практики и да изградиме посигурна и поотпорна заедница“, изјави Гоцевски.
Тој додаде дека Делчево, со своите природни ресурси и потенцијали за развој на рурален и еко-туризам, може да биде комплементарен партнер на Черномељ, кој има развиена инфраструктура и значајно искуство во користење европски фондови.
На средбата со градоначалникот на Черномељ, Андреј Кавшек, беа разгледани конкретни иницијативи за идни заеднички проекти, со цел дополнително продлабочување на соработката и отворање нови можности за инвестиции и развој.
Од Општина Делчево информираат дека оваа посета претставува важен чекор кон унапредување на работата на општинските служби, вклучително и Територијалната противпожарна единица и општинскиот кризен штаб, со крајна цел – зголемена безбедност и подобар квалитет на живот за граѓаните.


