Србија се договори за производство на беспилотни летала на своја територија со израелскиот воен гигант „Елбит Системс“, компанија која со години е критикувана за нејзината улога во израелските воени операции во Газа и на Западниот Брег, откриваат БИРН и Хаарец, пренесе N1
Вучиќ претходно изјави дека Србија ќе ја отвори фабриката со странски партнер, имено од Израел, и дека фабриката би можела да почне со работа веќе во април, но не го откри името на компанијата. Според документите до кои дојдоа БИРН и Хаарец, а и според два независни извори, планирано е производство на два вида дронови – за мисии на близок и долг дострел.
Фабриката треба да биде сместена во објект во Шимановци, кој ќе биде изнајмен од компанијата на Жељко Митровиќ, сопственикот на Пинк.
Израел и Србија веќе имаат развиено соработка во областа на оружјето. Вредноста на извозот на муниција и оружје од Србија во Израел се зголеми за 42 пати од 2023 година и достигна 114 милиони евра на крајот од минатата година, и покрај бројните апели на експертите на Обединетите нации да се запре продажбата на воена опрема на Израел.


