Здравствени податоци за околу 6.500 лица во Србија се појавија на dark web по хакерски напад, а според досегашните информации најголемиот дел од нив се однесуваат на гинеколошки пациентки. Новиот пробив отвори сериозни прашања за безбедноста на најчувствителните лични информации, меѓу кои име и презиме, адреса, телефонски број, лекарски извештаи со дијагнози, тестови, терапии и други приватни детали.
Според објавените информации, последниот повлечен запис е од декември 2025 година, а дел од податоците се достапни и за повеќе години наназад. Во базата се појавуваат и имиња на лекари од повеќе здравствени институции, меѓу кои Narodni front, KBC Dragiša Mišović, KC Srbije, VMA и други установи.
Неделникот Vreme објави и дека протекла база со податоци за околу 5.000 пациентки од една приватна гинеколошка клиника во Србија, во која имало имиња, адреси, електронски адреси, JMBG и информации за дијагнози. Според нив, хакерите навеле дека клиниката не сакала да плати откуп, по што базата била објавена.
Новиот пробив е особено чувствителен затоа што не станува збор само за контакти и матични броеви, туку за медицински информации што спаѓаат меѓу најзаштитените категории лични податоци. Од Share Foundation предупредија дека погодените лица треба да внимаваат на можни phishing пораки, SMS и мејлови и случајот да го пријават кај Повереникот за информации од јавен карактер и заштита на податоци. Во меѓувреме, српското Министерство за здравство и обвинителството, според медиумските извештаи, сè уште не дале коментар.


