Од денес поскапува лебот во повеќе градови: Малишиќ најавува пораст на цените поради зголемени трошоци

0
47

Во повеќе градови низ земјава, меѓу кои Штип, Кочани, Прилеп и Битола, се очекува зголемување на цените на одредени видови леб веќе од денес, а некаде корекциите веќе се направени. Според најавите, цената на бел леб од 450 грама во дел од пекарите ќе се зголеми за 3 до 5 денари.
Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, истакна дека секоја пекара самостојно одлучува за цените. Тој објасни дека зголемените трошоци за суровини, производство и дистрибуција, предизвикани од конфликтот на Блискиот исток, се главна причина за поскапувањето.
„Цените на лебот се движат поради порастот на трошоците во набавка, печење и дистрибуција. Зависно од резервите што ги имаат пекарите, цената би можела да се покачи за десетина проценти или повеќе“, изјави Малишиќ.
Корекциите на цените доаѓаат по поскапувањето на маслото, јајцата, овошјето и зеленчукот, а експертите предупредуваат дека повисоките цени на горивата можат да ја поттикнат инфлаторната спирала, со можни последици и врз другите производи. Владата засега ја следи ситуацијата и најавува дека ќе преземе мерки ако се покаже потреба.