Почнува судењето за Стојанче Јовановски во случајот со трагичната смрт на мајка и дете

0
42

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска започнува судењето против Стојанче Јовановски, кој е обвинет за повеќе кривични дела поврзани со трагичниот настан од 2 март, кога неговата сопруга Ивана Јовановска заедно со нивната 6-годишна ќерка си го одзеде животот.
Судењето ќе го води судијата Ивица Стефановски, познат во јавноста по предмети од висок профил.
Според Обвинителството, обвинетиот се товари за телесна повреда сторена како продолжено дело во рамки на семејно насилство, загрозување на сигурноста, како и за наведување и помагање во самоубиство.
Од прибраните докази произлегува дека во периодот од 2019 година до трагичниот настан, Јовановски во континуитет физички и психички ја малтретирал сопругата, со која бил во бракоразводна постапка. Таа, како и сведоци, во повеќе наврати ги пријавувале инцидентите во надлежните институции.
Обвинителството наведува дека насилството се интензивирало во текот на 2025 и 2026 година. На денот на трагедијата, обвинетиот најпрво ѝ се заканувал и физички ја нападнал во близина на нејзиното работно место, а потоа и во текот на возењето кон судот продолжил со закани по нејзиниот живот.
Во близина на судот повторно ја нападнал, нанесувајќи ѝ видливи телесни повреди. Подоцна, откако ја зеле нивната ќерка од училиште, се упатиле кон домот. Додека обвинетиот останал пред зградата, жената се заклучила во станот со детето.
Според обвинението, во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и чувство на безизлезност, таа скокнала од терасата на станот на шестиот кат заедно со својата ќерка.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста и отвори прашања за институционалната заштита на жртвите на семејно насилство.