Бугарија влегува во новите парламентарни избори со јасен знак на политички замор. Последната анкета на „Алфа рисрч“, спроведена меѓу 19 и 26 март врз 1.000 испитаници, покажува дека 55,8 отсто од граѓаните велат дека ќе гласаат, но 29,5 отсто се категорични дека нема да излезат
додека уште 14,7 отсто се двоумат. Во земја што на 19 април ќе оди на осми парламентарни избори во последните пет години, оваа бројка веќе зборува за длабоко истрошена доверба во политичкиот систем.
Она што дополнително ја засилува сликата на разочараност е очекувањето дека ни по овие избори нема лесно да се стигне до стабилна власт. Според истата анкета, 43,1 отсто од испитаниците очекуваат коалициска влада, а 23,4 отсто веруваат дека повторно нема да има договор и дека ќе следуваат нови избори.


