Историски момент: Сара Малали прва жена архиепископ на Кентербери

0
42

Сара Малали официјално беше устоличена како архиепископ на Кентербери, станувајќи првата жена во историјата на чело на Црквата на Англија.
Свечената церемонија се одржа во катедралата Кантербери во присуство на околу 2.000 гости.
На настанот присуствуваа принцот Вилијам, принцезата од Велс како претставници на кралското семејство, како и британскиот премиер Кир Стармер.
Церемонијата го вклучи традиционалниот обред на влез во катедралата, по што Малали даде заклетва за верност кон законите на црквата и кон монархот Чарлс Трети.
Со оваа функција таа го наследува Џастин Велби и станува духовен лидер на Англиканската заедница ширум светот.
Малали (63), по професија медицинска сестра, има долгогодишно искуство во здравствениот систем, а во црковната служба влегла во 2001 година како ѓакон, додека за свештеник е ракоположена во 2006 година. Во 2015 година станала епископ и служела во Лондонската епархија.
Во својата прва проповед, таа се осврна на верата, надежта и довербата во Бог, нагласувајќи дека „ништо не е невозможно“. Ги истакна и актуелните предизвици, повикувајќи на правда, сочувство и поддршка за жртвите на злоупотреби во црковните заедници, како и молитви за мир во светот.
Нејзиното устоличување доаѓа во период на зголемени тензии во рамки на Англиканската заедница, особено поради несогласувања околу улогата на жените во црквата и други доктринарни прашања. Дел од конзервативните кругови веќе иницираат нови структури, што укажува на продлабочување на поделбите во оваа глобална верска заедница.