Силен земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала синоќа ја погоди Света Гора, предизвикувајќи материјални штети на манастирите, скитовите и монашките ќелии. Потресот бил регистриран на околу 11 километри северозападно од Кареја, на длабочина од 10,6 километри, пренесуваат грчките медиуми.
Според информациите на Вориа.гр, во Кареја се појавиле бројни пукнатини на објектите, додека во манастирот Есфигмен, посветен на Успението на Богородица, делови од таваните се одвоиле.
Во моментот на земјотресот во храмот се одржувала богослужба на Великиот канон, при што монасите и присутните поклоници во страв излегле надвор.
Монасите пријавуваат штети и во старите скитови и ќелии, додека очевидци сведочат дека земјотресот бил проследен со силен татнеж, особено во крајбрежните делови. Видео снимка од безбедносна камера, објавена од Вориа.гр, дополнително ја потврдува јачината на потресот.
„Земјотресот беше силен и се чувствуваше како да доаѓа одоздола нагоре. Траеше доволно долго за да предизвика страв. Лустерите се нишаа, а дел од ситните предмети паднаа. Потоа следеа послаби потреси“, изјавиле монасите.
Засега нема информации за повредени лица, но меѓу жителите и посетителите на Света Гора владее вознемиреност.


