Хаос и несоодветни услови го одложија долго најавуваниот старт на судењето за трагедијата кај Темпи во Грција. Во несреќата, што се случи на 28 февруари пред 3 години, загинаа 57 лица, претежно млади. Судењето требаше да започне денес, но наместо тоа, процесот повторно е оттурнат.
Според грчките медиуми одложувањето е резултат и на технички и на организациски проблеми, што дополнително ја засилува перцепцијата дека процесот се развлекува без јасна временска рамка.
Катимерини пишува дека преполнетоста на судницата е причината за одложувањето.
Околу 200 адвокати, повеќе од 250 роднини на жртви, преживеани, сведоци и најмалку 40 новинари се собраа во салата од 283 квадратни метри, а тензиите беа високи. Претседателот на судењето успеа да прочита само пет имиња од списокот на обвинети пред повеќекратни прекини.
Судењето требаше да се одржи во специјално адаптирана сала во конгресниот центар на Универзитетот Тесалија во Лариса. Новиот датум е закажан за 1 април.


