Илјадници луѓе во неделата маршираа низ улиците на албанската престолнина во знак на протест против владата на премиерот Еди Рама. Демонстрантите се собраа пред кабинетот на премиерот во Тирана, по повик на главната опозициска Демократска партија (ПД), и побараа Рама и неговата левичарска влада да поднесат оставка поради обвинувања за корупција.Тие фрлаа молотови коктели, а полицијата интервенираше со солзавец и со водени топови.Молотови коктели беа фрлени кон владината зграда, некои министерски згради и кон полициски возила. Многу патишта во Тирана беа затворени за сообраќај, а беа распоредени стотици полицајци.
Во последните месеци во Албанија се одржуваат антивладини протести, при што опозициските партии, меѓу кои и Демократската партија на поранешниот премиер Сали Бериша, ја обвинуваат владата на Еди Рама за корупција, злоупотреба на институциите и за задушување на политичката опозиција, додека власта ги отфрла таквите наводи и протестите ги претставува како обид за дестабилизација на земјата.


