Светска здравствена организација (СЗО) се подготвува за можен нуклеарен инцидент поради ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
Регионалната директорка на СЗО за источниот Медитеран, Ханан Балки, изјави дека најлошото сценарио е нуклеарна катастрофа, која би имала долгорочни последици не само за регионот, туку и за целиот свет.
„Без разлика колку се подготвуваме, ништо не може да ја спречи штетата што би траела со децении“, предупреди таа.
СЗО подготвува сценарија кои вклучуваат напад врз нуклеарни објекти или евентуална употреба на нуклеарно оружје. Во меѓувреме, Доналд Трамп изјави дека САД ќе ја „елиминираат нуклеарната закана“ од Иран, иако не се презентирани докази дека Техеран развива такво оружје.
Иран веќе потврди напади врз нуклеарни објекти во Фордо, Исфахан и Натанц. Сепак, досега нема регистрирано радиоактивна контаминација.
СЗО предупредува дека евентуален нуклеарен инцидент може да предизвика сериозни здравствени последици – од оштетувања на белите дробови и кожата до зголемен ризик од рак и психолошки нарушувања.
Како пример за последиците, се посочуваат Чернобилската катастрофа и нуклеарните напади врз Хирошима и Нагасаки во 1945 година.
Покрај ризикот од нуклеарна ескалација, СЗО алармира и за сериозната хуманитарна криза. Од почетокот на конфликтот се регистрирани десетици напади врз здравствени установи, а илјадници цивили се жртви или раселени.


