Причините за хронична бубрежна болест кај децата се разликуваат од оние кај возрасните

0
63

Хроничната бубрежна болест често се нарекува „тивка болест“ бидејќи во раните фази може да помине без симптоми. Се проценува дека ова заболување погодува околу 1 од 10 луѓе во светот, а најчести фактори на ризик кај возрасните се дијабетесот, високиот крвен притисок и дебелината.
Кај децата, пак, причините се различни. Најчесто станува збор за вродени аномалии на бубрезите и уринарниот тракт, наследни заболувања, хронични воспаленија или болести на имунолошкиот систем, како и повторувачки уринарни инфекции. Иако хроничната бубрежна болест кај децата е релативно ретка, педијатрите предупредуваат дека може да има сериозни последици доколку не се открие навреме.
Бубрезите имаат клучна улога во организмот – ја филтрираат крвта, ги отстрануваат штетните материи, ја регулираат рамнотежата на течности и минерали и учествуваат во создавање хормони важни за крвниот притисок и производството на црвени крвни клетки.
Во раната фаза симптомите често изостануваат, но подоцна може да се појават оток околу очите или на нозете, замор, намален апетит, промени во мокрењето, висок крвен притисок или заостанување во растот кај децата.
Според медицинските препораки, раното откривање и редовното следење се клучни за забавување на напредувањето на болеста. Тоа се постигнува преку анализи на крв и урина, мерење на крвниот притисок и следење на растот и развојот кај децата, особено кај оние со вродени аномалии на бубрезите.
Во рамки на кампањата за Светскиот ден на бубрегот се промовираат и „осум златни правила“ за здрави бубрези, кои вклучуваат редовна физичка активност, контрола на шеќерот во крвта и крвниот притисок, здрава исхрана со помалку сол, доволен внес на течности, избегнување пушење, внимателна употреба на лекови против болки и редовни медицински контроли кај ризичните групи.
Превенцијата и раната дијагностика остануваат најважните чекори во заштитата на здравјето на бубрезите.
Извор: Педијатар.мк