Делчево: Реконструирана улицата „Кочо Рацин“ во населбата Милково Брдо

0
52

Општина Делчево реализира уште еден инфраструктурен проект – реконструкцијата на улицата „Кочо Рацин“ во населбата Милково Брдо, со што значително се подобруваат условите за движење и пристап до домовите на жителите.
Во рамки на проектот најпрво е извршена реконструкција на подземната инсталација, односно замена на старата водоводна мрежа со нова полиетиленска инсталација. По завршувањето на овие работи следуваше реконструкција на коловозот на улицата во должина од 108 метри.
Од Општината информираат дека улицата претходно претставувала проблем за жителите, поради бројните оштетувања и ископани дупки кои ја правеле небезбедна и за возачите и за пешаците. Со реконструкцијата, жителите добиваат современа сообраќајница, поголема безбедност во сообраќајот и подобрен пристап до своите домови.
Вредноста на проектот изнесува 1,8 милиони денари, а градежните работи ги изведуваше компанијата ОСД Кирил од Штип.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека реконструкцијата на оваа улица е дел од поголем пакет инфраструктурни проекти кои се реализираат со финансиска поддршка од Владата на Северна Македонија и премиерот Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на пакетот инфраструктурни инвестиции што се реализираат во Делчево изнесува 142 милиони денари, а според локалната самоуправа, реализацијата се одвива со посакувано темпо.
Од Општината додаваат дека градежните активности ќе продолжат и во наредниот период со реконструкција и изградба на нови улици, со цел развој на современа патна инфраструктура и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.