25 полицајци на обвинителна клупа за трагедијата во „Пулс“ – четири паралелни судски процеси

0
42

Постапките за утврдување одговорност за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани стануваат сè покомплексни. Вкупно 25 полициски службеници ќе се најдат на обвинителна клупа во три одвоени предмети, кои ќе се водат паралелно со главниот процес во кој се обвинети 35 цивили и три фирми. Обвинителството одлучи обвиненијата против полицајците да ги подели во три различни постапки со различни правни квалификации – од злоупотреба на службената положба до тешки дела против општата сигурност. Првиот процес веќе започна на 3 март против тројца полицајци обвинети дека внесувале неточни податоци во службени записници. Денеска треба да почне судење против уште деветмина полицајци за злоупотреба на службена положба поврзана со проверки и дозволи за работа на објектот во 2022 и 2023 година. До крајот на месецот се очекува и трет процес против 13 полицајци, кои се товарат за соизвршителство во тешки дела против општата сигурност поради пропуштање на мерки за време на контролата во „Пулс“ во критичната ноќ. Овој пристап отвори дилеми во јавноста зошто обвиненијата за полицајците се поделени во повеќе предмети, додека главниот процес против цивили и фирми се води како едно големо обвинение. Дел од правните експерти сметаат дека ваквата поделба индиректно покажува дека првичната стратегија на обвинителството во главниот процес можеби била погрешна. Со новите обвиненија, судскиот случај за трагедијата во Кочани се води во четири паралелни постапки, што дополнително го оптоварува судскиот систем и отвора прашања дали правдата ќе може да се постигне во разумен рок.