ССМ најави нов протест на 14 март: Бараат минимална плата од 600 евра

0
29

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави нов протест на 14 март, со кој ќе го продолжи притисокот за зголемување на платите. Од синдикатот повторно истакнуваат дека остануваат на барањето минималната плата да изнесува 600 евра, додека сите останати плати да се зголемат за најмалку 100 евра.
Според ССМ, актуелното законско усогласување на минималната плата не ги задоволува реалните потреби на работниците. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски, изјави дека минималните примања се повисоки во јавниот сектор отколку во приватниот, поради што на претходниот протест имало голема излезност од вработените во јавната администрација. Тој очекува слична поддршка и на претстојниот протест.
Незадоволството се засили откако на седница на Економско-социјалниот совет било соопштено дека минималната плата ќе се зголеми за околу 1.600 денари согласно редовното мартовско усогласување. По ова, претставниците на ССМ ја напуштија седницата и најавија дека борбата за повисоки плати ќе продолжи преку протести.
Ова не е прв ваков чекор годинава. ССМ веќе организираше протести и блокади во Скопје, најавувајќи дека ќе продолжи со активности сè додека нивните барања не бидат исполнети.