Патниците кои останаа заглавени во Обединетите Арапски Емирати откако иранските ракетни и беспилотни летала го затворија аеродромот во Дубаи, плаќаат повеќе од 140.000 долари за приватни летови и возат повеќе од десет часа до најблиските отворени аеродроми во обид да го напуштат регионот додека ескалира конфликтот. Аеродромот во Дубаи, глобален центар и клучна врска за главните светски воздушни рути, е затворен од саботата, кога беа откажани речиси 300 летови, а илјадници патници беа блокирани.
Иако се очекуваат ограничени операции подоцна во понеделник, нема проценка кога аеродромот целосно ќе се отвори, а богатите патници се упатуваат кон аеродромите во Оман и Саудиска Арабија за да го заобиколат затворањето.
Алтај Кула , портпарол на брокерската куќа за приватни авиони „ЏетВИП“, изјави дека побарувачката за приватни летови е нагло зголемена, додека бројот на оператори кои се подготвени да летаат во регионот драстично се намалил.
Џејмс Лич од „Ер чартер сервис“ изјави дека многу локални авиони што вообичаено се користат за приватни летови се заглавени на затворените аеродроми, што значи дека авионите доаѓаат од многу подалеку за да ги земат патниците, што дополнително ги зголемува просечните цени.
Аеродромите во Мускат, Оман, и, во помала мера поради визните ограничувања, во Ријад, Саудиска Арабија, станаа нови сообраќајни центри, велат изворите, а „Семафор“ објави дека приватните компании за обезбедување резервирале флоти од теренски возила за превоз на клиенти до отворени аеродроми, каде што можат да се качат на приватни летови.
Меѓу евакуираните се и високи директори на глобални финансиски институции и богати патници кои биле во регионот поради бизнис или туризам, според „Семафор“.
Повеќето од летовите за евакуација се насочени кон Истанбул, Лондон или Рим, рече Кула. Лет со лесен приватен авион од Мускат до Истанбул се продава за повеќе од 93.000 долари, приближно двојно повеќе од вообичаената цена, додека цените за тешки авиони на истата рута достигнуваат до 140.000 долари. Возењето од Дубаи до Мускат трае пет часа, не сметајќи го времето на чекање на граничниот премин Хата, кое додаде дополнителни три до четири часа за патниците во неделата, рече Лич. Без граничниот премин Ал Бат, возењето од Дубаи до Ријад трае околу 11 часа.
Мери Витфил Рулофс, новинарка на Форбс


