29 годишен македонски државјанин е осуден на пет години затвор од суд во Бремгартен, поради серија грабежи и други кривични дела извршени во текот на 2024 година. Случајот предизвика внимание во јавноста поради образложението што обвинетиот го дал пред судот – дека сакал да биде уапсен за да се одвикне од зависност од алкохол.
Според локалните информации, во април 2024 година тој влегол во продавница во Волен со пневматски пиштол на јаглерод диоксид и одзел околу 1.500 швајцарски франци. Неколку месеци подоцна извршил уште два грабежи во Арау, и тоа во истата златарница. При вториот напад, со чекан скршил витрина и одзел накит во вредност од околу 21.000 франци.
Покрај грабежите, обвинетиот одговарал и за повеќе кражби, обиди за провала, оштетување имот, незаконито влегување, навреди, како и за насилство и закани кон службени лица. На судењето ги признал сите дела.
Пред судот изјавил дека бил тежок алкохоличар и дека намерно сакал да заврши во затвор за да се одвикне. Иако бил свесен за постоењето на рехабилитациски центри, сепак не побарал таква помош, туку сметал дека затворската казна е решение.
Судијата истакнал дека вакво образложение ретко се среќава во судската пракса, особено кога обвинетиот знаел дека постојат специјализирани установи за лекување зависности.
Освен затворската казна, тој ќе треба да плати и повеќе од 80.000 евра, а по издржувањето на казната ќе биде протеран од Швајцарија со десетгодишна забрана за влез.


