Цените на нафтата нагло пораснаа, а светските берзи забележаа пад поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и стравувањата од можно затворање на Ормутскиот теснец, низ кој поминува околу една петтина од светската трговија со нафта.
Суровата нафта „Брент“ достигна 77,57 долари за барел, додека американската нафта порасна на 71,17 долари. Аналитичарите предупредуваат дека евентуална блокада на теснецот би спречила околу 15 милиони барели дневно да стигнат до пазарите, што може дополнително да ги зголеми цените и да ја поттикне инфлацијата.
Берзанските индекси во Азија, Европа и САД се во минус, а дел од земјите од регионот привремено ги затворија берзите поради „исклучителни околности“. Експертите предупредуваат дека без брза деескалација, пазарите може да се соочат со нов силен ценовен шок.


