ПСК „Челични“ 10 години рушат рекорди – од пливачка школа до симбол на успехот во Штип

0
52

Пливачкиот спортски клуб „Челични“ од Штип годинава одбележува значаен јубилеј – 10 години од својата официјална регистрација како клуб, но и повеќе од две децении континуирана работа во пливањето.

Приказната започнува во 2003 година, кога со голем ентузијазам била формирана пливачка школа, која во периодот од 2003 до 2016 година претставувала темел за развој на млади пливачи во градот. Во тие години се поставиле основите на спортските вредности, дисциплината и тимскиот дух, а бројни генерации деца ги направиле своите први чекори во водата, учејќи ги основните техники и градејќи самодоверба.

Новото поглавје започнува во 2016 година, кога клубот е официјално регистриран како Пливачки спортски клуб Челични Штип во рамки на Пливачката Федерација на Македонија. Со тоа, „Челични“ добива можност за настап на национални натпревари и активно вклучување во официјалниот натпреварувачки систем.

Во изминатата деценија, клубот бележи бројни настапи на државни првенства, освоени медали, поставени лични и клупски рекорди, како и континуиран раст на членството. Со својата работа, ПСК „Челични“ стана препознатлив спортски колектив во Штип и пример за посветеност и истрајност.

Од клубот упатуваат благодарност до тренерите, родителите, поддржувачите и сите генерации пливачи кои придонеле во развојот на оваа спортска приказна, нагласувајќи дека токму заедништвото и „челичниот“ дух се клучот за досегашните успеси.

Јубилејот претставува поттик за нови цели, уште посилна работа и продолжување на традицијата која трае повеќе од 20 години, соопштуваат од клубот.