Дваесет и две години од трагичната смрт на Борис Трајковски – Одбележување во Скопје, Струмица и Ротимље

0
52

Денеска се навршуваат 22 години од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој на 26 февруари 2004 година загина во авионска несреќа кај Ротимље, во близина на Мостар.
Годишнината ќе биде одбележана со полагање цвеќе на неговиот гроб во Градските гробишта Бутел во Скопје, како и на спомен-обележјата во Ротимље и во неговата родна Струмица. Почит ќе оддадат членови на семејството, државни делегации и претставници на институции.
Во несреќата животот го загубија и членовите на неговиот кабинет – Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска, како и Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Божиновски и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Владиниот авион „Кингер“ се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во услови на густа магла и сложена метеоролошка состојба. Остатоците од леталото беа пронајдени 24 часа по несреќата. Истрагите утврдија дека причина за падот биле грешки на екипажот во процедурата за приоѓање кон аеродромот во Мостар и системски пропусти.
Трајковски беше втор претседател на државата, на функцијата од 15 декември 1999 до 26 февруари 2004 година. Роден е на 25 јуни 1956 година во Струмица, дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а претходно ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи.
Со одбележувањето на годишнината, институциите и граѓаните оддаваат почит на неговиот придонес во политичкиот и меѓународниот афирмативен развој на државата.