Баскет Кам со нов куп-трофеј, Македонска Каменица блесна како домаќин

0
52

Екипата на Баскет Кам 2011 го освои четвртиот трофеј во Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“, откако во финалето ја совлада Крива Паланка со 74-68.
Во спортската сала „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, домаќините одиграа сигурен натпревар и во текот на сите 40 минути ја имаа контролата врз резултатот. Ивана Кметовска беше лидер на теренот со 24 поени, а силна поддршка доби од Димова и Поп-Димитровска.
Финалето донесе вистинска спортска атмосфера, исполнети трибини и одлична организација. Македонска Каменица уште еднаш се докажа како пример како се организира голем спортски настан, со беспрекорни услови и силна поддршка од публиката.
На свечената церемонија, медалите и пехарот на шампионките им ги врачи градоначалничката Соња Стаменкова, која го поздрави успехот на клубот и истакна дека градот ќе продолжи да инвестира во спортот и младите.
Со новиот трофеј, Баскет Кам 2011 ја потврди својата доминација во женската кошарка и повторно ја израдува спортската јавност во Македонска Каменица.