Најтрофејниот македонски каратист стави крај на кариерата: „Не е лесно да се каже збогум“

0
45

Најтрофејниот македонски каратист, штипјанецот Емил Павлов, официјално ја заврши својата спортска кариера. Веста ја соопшти преку емотивно видео-обраќање, во кое се осврна на годините исполнети со труд, победи, предизвици и незаборавни моменти.
„Не е лесно да се каже збогум на нешто што било дел од твојот живот толку многу години. Денес официјално ставам крај на мојата спортска кариера – пат исполнет со многу труд, победи, солзи и незаборавни моменти“, напиша Павлов.
Во текот на својата кариера, тој освои бројни медали на европски и светски првенства, претставувајќи ја Македонија на најголемите карате натпреварувања. Павлов истакна дека за него било огромна чест да ја носи државната репрезентација и да ја слуша македонската химна по освоените одличја.
Во својата порака, тој им се заблагодари на тренерите од Карате клуб Штип и на Карате федерацијата на Македонија за поддршката низ годините, како и на своето семејство, кое го нарече своја најголема сила.
Иако се повлекува од активното натпреварување, Павлов најави дека ќе остане дел од спортот и ќе продолжи да ги мотивира младите генерации каратисти. Со неговото повлекување, македонскиот спорт се простува од еден од своите најуспешни и најпрепознатливи борци.